Топлински мост

Toplonski most 3

Преку топлинските мостови загубите на енергија можат да бидат и до 15% од вкупните загуби низ обвивката на објектот. Така кажува теоријата, но според нашите искуства и мерења, во регионот можат да достигнат и до неверојатни 60% од вкупните загуби по пат на кондукција.

Топлинските мостови се „слаби места“ во топлинската изолација на објектот, каде заради разни причини истата го менува правецот, се намалува, се прекинува, воопшто ја нема или има премин од еден во друг тип материјал. Причините кои доведуваат до топлински мостови се: геометриски – места каде изолацијата го менува својот правец, состав или дебелина (агли, слемиња, стреи, греди и столбови, монтажа на прозорците во ѕидовите и слично) или конструктивни – места каде конструктивни елементи од објектот ја пробиваат изолацијата (најчест случај се балконските конзолни плочи и греди, но често и разни столбови и ѕидови кои заради потребите од стабилност на конструкцијата не смеат да се прекинат). Геометриските топлински мостови најчесто се места со намалена топлинска изолација, додека конструктивните топлински мостови по правило се целосно неизолирани места. И кај едните и кај другите, резултат се ниски температури од внатрешната страна на елементите.

Низ ваквите мостови, топлината непречено патува.  И тоа колку е поголема температурната разлика помеѓу внатре и надвор и колку се мостовите пошроки, толку протокот е поголем. Негативните ефекти од топлинските мостови се далеку поголеми во ладните отколку во топлите периоди, бидејки во зима температурната разлика внатре/надвор може да достигне и преку 40оC, додека во летните периоди ретко надминува 13оC. Toplonski most 6

Само со добро планирање, со употреба на вистински материјали и со прецизно изведени детали, топлинските мостови можат да се елиминираат или сведат на минимум. При решавањето на топлинските мостови, пристапот е различен и зависи од видот на проблемот. Досегашното наше искуство покажува дека решавањето на топлинските мостови е толку поефтино и поедноставно, колку што порано ќе се пристапи кон нивно решавање. Уште од самата идеа да се изгради некаков објект.

Важно е уште при проектирањето, со разни архитектонски и конструктивни мерки, долгите линиски топлински мостови да се сведат на што пократки или дури и на т.н. точкасти топлински мостови. Со тоа е направен најголемиот и најевтин чекор до надминувањето на проблемот. Но не секогаш е тоа можно, заради конструктивни причини, но и заради естетски барања од инвеститорите.

Следниот чекор е решавање на деталите за оние линиски топлински мостови, кои се неизбежни. Праксата покажува дека не постои топлински мост кој не може да се „сруши“. Решавањето на геометриските топлински мостови, како што се аглите на фасадните ѕидови или бетонските греди и столбови, е за нијанса поедноставен проблем отколку проблемите кај конструктивните топлински мостови. Со употреба на „мали мајстории“ и изолациони материјали со енормно високи изолациони својства (и до 15 пати повисоки од стандардните изолации), може да се санираат, превенираат или елиминираат ваквите проблеми.

Но што да се прави со конструктивните топлински мостови, како што се балконите и разни настрешници или стреи? Навидум ваквите топлински мостови се нерешливи, бидејки секаков прекин на конструкцијата ја загрозува стабилноста. Сепак, за секој технички проблем, има и техничко решение. Постојат елементи кои се вградуваат во бетонот или челикот, кои во целост ја превземаат конструктивната носива улога, а при тоа се изработени од материјали кои имаат висока моќ на топлинска изолација.

И на крај, посебно внимание треба да се посвети на прозорците. Сериозни топлински мостови постојат околу прозорците и на стаклопакетите, а ретко кога и ретко кој обрнува внимание на тоа. Затоа треба да се обрне сериозно внимание при монтажата на прозорците.
Иако на прв поглед овие проблеми изгледаат ненадминливи, Цивкон АГИ располага  со знаење, материјали, елементи и методологии кои овие проблеми ги надминуваат во целост.Toplonski most 1

 Toplonski most 10