Зошто, кога и како

energetski sertifikat

Придобивките од зголемувањето на енергетската ефикасност кај градежните објекти не се сведуваат исклучиво на намалување на трошоците за загревање и ладење. Се влијае и врз удобноста, а преку тоа се на здравјето и на работоспособноста. Колку е повисок стандардот на енергетска ефикасност, толку удобноста или т.н. комфор во објектот е повисок.
Највисокиот стандард на удобност во светот е означен како ASHRAE Class A Comfort Standard и највисокото ниво на енергетска ефикасност означено како А+ или наречено Passive House, по автоматизам го постигнува тој стандард.
И не е само тоа. Со намалените потреби од енергија, се намалува и емисијата на стакленички гасови и штетни честички во атмосферата, а така пак се помага во процесот на спасувањето на планетата. И крајно повторно се влијае врз здравјето на луѓето, преку почистиот воздух.
А кога веќе располагате со објект со многу мали потреби од енергија, тогаш и искористувањето на алтернативните извори на енергија (сонце, ветер, подземна вода, отпад и слично) е сосема логичен избор и исплатлива инвестиција. Се создаваат и вишоци на енергија кои можат да се продаваат и преку тоа да се остваруваат дополнителни приходи.
Сепак изведбата на енергетски ефикасни објекти не е секогаш логична инвестиција, но тоа е случај само кај индустриски капацитети кои заради својата технологија на производство, трошат огромни количини на енергија или произведуваат огромни количини на топлинска енергија во просторот. Во сите други случаи, енергетската ефикасност е добродојдена за џебот, здравјето и чистиот воздух.
Нивото на енергетска ефикасност на еден објект, треба да произлезе од пресметката на економската исплатливост на една таква инвестиција, но при тоа да се земат во предвид и влијанијата врз корисниците на објектот, како и врз околината.