Протекување на воздух

Вториот начин на загуби на енергија од објектите е по пат на конвекција, или поедноставно кажано, со несакано и неконтролирано мешање на воздухот внатре-надвор (Air Leakage, или протекување на воздух).

Од тука, важноста на воздухонепропустливоста на обвивката (фасадните елементи, кровот и кон земјата) е многу голема, а во регионот таа е најзапоставениот дел од мерките за постигнување на енергетска ефикасност и висока удобност во објектите. Во високите делови од објектот топлиот воздух излегува низ пукнатините, а за да се одржи рамнотежата на воздух во објектот, од долните нивои се повлекува ладен и загаден воздух. Во летниот период механизмот е обратен. Но не само воздух, туку и инсекти и глодари влегуваат во објектот низ таквите пукнатини.

Air leakage losses

Важно е да се знае дека и преголемата, како и премалата затнатост на објектот со себе носат големи проблеми. За енергетски ефикасни објекти со стандардни системи за греење и ладење (без системи за вентилација), воздухопропустливоста треба да изнесува n50= 2h-1 до 3h-1. За големи објекти и за објекти со системи за вентилација, важат сосема други вредности. Затоа оваа проблематика треба да се препушти на стручни лица.

Загубите на енергија предизвикани од неконтролираното протекување можат да достигнат и до 30% од вкупните загуби на енергија, што решавањето на овој проблем го прави многу важен елемент од енергетската ефикасност. Трошоците за греење и ладење сериозно ќе се намалат кога ќе се оневозможи неконтролирано мешање на внатрешниот воздух со надворешниот кога сите прозорци и врати се затворени, т.е. кога ќе се постигне што поголема херметизираност на обвивката на објектот. Разните невидливи „дупки“ низ кои протекува воздухот (Air Leakage) низ зидовите и покривот, како и низ и околу прозорците и вратите, се причина за појава на провев, мувла и влага, како и кондензација во количини кои често пати доведуваат до заблуда дека протекува низ покривот или низ прозорците.

Искуството од десетици илјади испитани објекти, кажува дека само 1% од објектите можат да се оценат како одлично херметизирани, околу 5% како задоволителни, 10-ина проценти како прифатливи и дури 85% не ги задоволуваат основните критериуми за воздухонепропустливост.
Кај објектите со големи височини (повеќекатници) и кај објектите со големи волумени (трговски центри, магацини, производствени хали и сл.) проблемите и загубите на енергија предизвикани од лошата херметизираност се повеќекратно поголеми. Кај ваквите објекти од големо значење е и добро запечатување меѓу спратови или меѓу посебни делови на објектите.

Воздухонепропустливоста е посебно важна кај објекти кои користат системи за вентилација, греење и ладење. Кај овие објекти недоволната херметизираност предизвикува неекономичност и преоптовареност на системите, големи трошоци за енергија, за поправки и одржување на системите, а често пати и покрај се тоа не е можно да се постигнат посакуваните температури и удобност. Со мали интервенции и трошоци, придобивките кај ваквите објекти можат да бидат огромни.

Воздухонепропустливоста се контролира и мери со таканаречен Blower Door Test, a слабите места, дупки, пукнатини, прозорци кои не дихтуваат и другите грешки во обвивката на објектот се дијагностицираат со Air Leakage Inspection. Овие мерења и испитувања се вршат со софистицирана опрема и ЦИВКОН АГИ ја овозможува за своите клиенти.